Избран нов претседател на Советот за развој на Пелагонискиот регион
Денес, во просториите на Општина Битола се одржа првата конститутивна седница на новиот Совет за развој на Пелагонискиот плански регион, на која присуствуваа градоначалниците на деветте општини што го сочинуваат регионот. Седницата претставува значаен чекор во зајакнувањето на институционалната рамка за регионален развој и ја означува почетната точка на нов четиригодишен циклус на координирани активности во насока на унапредување на Пелагонија.
Со седницата претседаваше градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски, а членовите едногласно го избраа новиот претседател на Советот – градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски, кој ќе ја предводи работата на Советот во наредната година. Тој го презема мандатот од досегашниот претседател, градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски, кој зад себе остава успешен мандат исполнет со интензивна меѓуопштинска соработка и реализирани развојни иницијативи.
Градоначалниците ја нагласија важноста на заедничката стратешка визија и интегрираниот пристап во планирањето, со посебен фокус на инфраструктурниот развој, економскиот раст, модернизацијата на јавните услуги и подобрувањето на условите за живот во сите локални самоуправи од регионот. Беше истакнато дека само преку здружување на ресурсите, користење на заедничките потенцијали и интензивирање на меѓуопштинската координација може да се обезбеди долгорочен, одржлив и рамномерен развој.
Присутните градоначалници ја изразија подготвеноста за заеднички иницијативи во привлекување инвестиции, унапредување на регионалната поврзаност и реализација на проекти со поддршка од национални и меѓународни фондови. Притоа беше потенцирана потребата од транспарентност, стручност и инклузивност во сите фази на планирање и имплементација.
Во рамки на седницата беа усвоени годишниот финансиски план и Акцискиот план за 2026 година, како и одлуките за започнување постапка за избор на претставници од невладиниот и бизнис-секторот во рамки на Советот.
Со завршувањето на конститутивната седница официјално започнува нов период на регионална соработка, од кој се очекува да донесе конкретни резултати и нов развоен импулс за Пелагонискиот плански регион. Општините најавија дека ќе продолжат со обединети напори во интерес на граѓаните и во создавање посилна, поконкурентна и подобро поврзана Пелагонија.


