Битола повторно центар на светската филмска камера – започнува 46. издание на „Браќа Манаки“
Битола и фестивалот „Браќа Манаки“ следната недела ќе бидат центар на светските филмски случувања. По 46-ти пат, фестивалот го отвора својот екран за најдоброто од уметноста на филмската камера.
Овој фестивал, познат како прв и најстар фестивал посветен на филмската камера во светот, годинава ќе ги собере најеминентните имиња од светската сцена. Во Битола ќе пристигнат добитници на највисоки филмски награди и врвни автори кои ќе одржат мастеркласови и ќе се сретнат со публиката.
Во официјалната програма ќе бидат прикажани над 70 филмови селектирани од најпрестижните светски фестивали во Кан, Венеција и Берлин – остварувања што носат свежина во визуелниот јазик, естетска извонредност и авторска визија што го отсликува времето во кое живееме.
Фестивалот ќе се одржи од 20 до 26 септември, а со целосна подготвеност и возбуда, Битола е подготвена да стане светска филмска престолнина во текот на овие седум дена.



