(видео) Искинати и нецелосни книги – Министерството ја префрли одговорноста на училиштата
Наместо нови учебници, како што беше најавено, многу ученици добија стари и оштетени книги. Дел од нив, пак, за некои предмети воопшто не добија учебници, туку само насоки од наставниците да прават фотокопии.
„Син ми доби само два учебника – по математика и по природни науки. И тие се стари, со испишувани страници и оштетени корици. За останатите предмети ни рекоа да правиме копии“, рекација на мајка од социјалните мрежи.
Родителите прашуваат според кој критериум се делеле учебниците и како било одлучено кои училишта ќе добијат нови, а кои стари.
Од Министерството за образование велат дека испораката сè уште не е целосно завршена и дел од одговорноста ја префрлија на училиштата.
„Министерството за образование и наука годинава го испечати целиот тираж што беше побаран од училиштата преку електронската апликација за пријавување на потребните количини. Испечатени се претходно одобрените учебници по сите предмети, новите за седмо одделение и за прва година во гимназиите, како и новите по странски јазици што недостасуваа повеќе од седум години. Над 90% од тиражот веќе е испорачан, а на дистрибутерите им се потребни уште неколку дена за да ја заокружат целосната дистрибуција. Планот за распределба на учебниците кон учениците го прават училишните раководства и персоналот“, велат од Министерството.


