115 години од раѓањето на Мајка Тереза – симбол на милосрдието и човечноста
Денес се навршуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза, добитничка на Нобеловата награда за мир и една од најголемите хуманистки во светската историја. Таа е родена на 26 август 1910 година во Скопје, а својата животна мисија ја посвети на сиромашните, болните и обесправените.
Мајка Тереза или Света Тереза од Калкута, со вистинско име Гонџа Агнес Бојаџиу, на млади години заминала во Индија, каде што го основала редот „Мисионери на љубовта“. Со својата посветеност и безусловна љубов кон луѓето, таа стана симбол на милосрдието и надеж за милиони низ целиот свет.
За својата хуманитарна работа, во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир, а во 2016 година беше канонизирана за светица од Римокатоличката црква.
И денес, повеќе од еден век од нејзиното раѓање, светот ја памети Мајка Тереза како пример за човековата добрина, скромност и неуморна борба за најсиромашните.


