ДЕНЕС Е СВЕТСКИ ДЕН ПРОТИВ СИРОМАШТИЈАТА – Една петтина од македонското население живее во границите на сиромаштијата
Светскиот ден за искоренување на сиромаштијата започнува во 1987 години со масовниот собир во Трокадеро во Париз за да се даде поддршка за жртвите на екстремна сиромаштија, насилство и глад, а локацијата е одбрана како место каде во 1948 година е потпишана Универзалната деклaрација за човекови права.
Потоа со резолуција на Генералното Собрание на Обединетите Нации во 1992 година секоја година на 17 октомври се одбележува Светскиот ден за искоренување на сиромаштијата. ОН намалувањето на сиромаштијата, гладта и социјалната заштита ги постави како еден од главните приоритети во стратегијата за одржливост.
На овој ден секаде се организираат настани и конференции за засилување на мерките за намалување на сиромаштијата, поголема поддршка за ранливите групи за плаќање на сметките за струја, подобрување на енергетската ефикасност, како и програми за банки за храна и донации.
Се проценува дека околу една петтина од македонското население живее во границите на сиромаштијата. Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) 17 октомври ќе го одбележи со повеќе настани на кои во фокус ќе биде ставена енергетската сиромаштија и поскапувањето на храната, како горливи проблеми кои треба да бидат решени.