Почнува јавниот увид во Избирачкиот список од сабота 23 август
Граѓаните ќе можат да извршат увид и да побараат промени во Избирачкиот список од сабота, 23 август, до 11 септември на полноќ, информираат од Државната изборна комисија (ДИК).
Во овој период граѓаните можат да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоците во списокот – писмено во подрачното одделение на ДИК, во месната канцеларија на местото на живеење или по електронска пошта.
ДИК е должна да одлучи по секое барање во рок од 24 часа од приемот. Доколку барањето биде одбиено, граѓанинот може во рок од 24 часа да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат, а судот е должен да одлучи исто во рок од 24 часа и веднаш да ја достави одлуката. Правосилните решенија на Управниот суд стануваат составен дел на Избирачкиот список.
Политичките партии имаат право до 11 септември да побараат копија од Избирачкиот список, а ДИК е должна да го достави во рок од три дена. Во рок од пет дена тие може да бараат запишување, промена или бришење на податоци.
По завршувањето на јавниот увид, на 12 септември, Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден доставува до ДИК:
- листа на лица кои поднеле барање за нова лична карта или пасош од денот на распишувањето на изборите,
- листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите.
Овие податоци ДИК ги впишува по службена должност.
Исто така, најдоцна 30 дена пред изборите:
- Министерството за социјална политика, демографија и млади доставува податоци за лица пријавени за гласање во установи за вонсемејно згрижување,
- Основните судови доставуваат информации за лица со одземена деловна способност или оние на кои им е изречена мерката притвор.
ДИК го заклучува Избирачкиот список најдоцна на 26 септември, а потпишувањето на заклучената верзија е најдоцна до 3 октомври.


