Кој е надлежен? Десово веќе една година без стабилна електрична енергија – жителите револтирани и оставени на милост и немилост
Жител од село Десово ни испрати информација и молба да ја објавиме следнава сторија:
Десово веќе една година без стабилна електрична енергија – жителите револтирани и оставени на милост и немилост
Жителите од селото Десово, во Општина Долнени, повеќе од една година се соочуваат со сериозни проблеми со електричната енергија. Струјата постојано доаѓа и исчезнува, а кога ја има – е со многу слаб напон, поради што речиси сите апарати по домаќинствата се оштетени или воопшто не можат да се користат.
„Фактички цело село нема струја. Едед ден има, следниот нема. Ќе дојдат, ќе направат нешто, и по неколку дена пак иста песна. Напонот е толку слаб што сè по дома е вклучено на ‘црвено’. Се мачиме цела година“, вели жителката А.Ф.
Жителите се жалат дека постојано се јавуваат до надлежните во ЕВН Скопје, но наместо решение – добиваат игнорирање.
„Кога ќе се јавиме, веднаш нè прашуваат од каде сме. Штом ќе кажеме Десово, велат сме биле многу досадни и нè исклучуваат. Ни ветија трансформатор, мрежата била преоптоварена, ама ништо не преземаат. Веќе сме на крај со нервите“, додаваат тие.
Жителите потенцираат дека редовно си ги плаќаат сметките за електрична енергија и со право бараат квалитетна услуга, како и одговорност од институциите. Апелираат до надлежните конечно да реагираат.
„Сакаме да знаеме кој е навистина надлежен – ЕВН, МЕПСО, Регулаторна комисија? Не е фер да плаќаме сметки, а да живееме како пред сто години“, велат огорчено жителите.
Оваа состојба не само што го нарушува секојдневниот живот, туку е и закана за здравјето на жителите – особено на децата и повозрасните. Од село Десово апелираат до институциите конечно да преземат трајно и сериозно решение.



