„Фестивал на жетвата“ – 18 и 19 јули – во манастирот Рождество на Пресвета Богородица во Новаци
Општина Новаци и оваа година ќе биде домаќин на „Фестивал на жетвата“, кој ќе се одржи на 18 и 19 јули 2025 година (петок и сабота), во дворот и околината на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Новаци.
Дводневната манифестација, нуди богата програма за сите генерации – од најмладите до највозрасните.
Фестивалот започнува во петок (18 јули) во 19:00 часот со детската програма „Жешки водени лудории со Заги“, по што следува претставата „Рибарот и златната рипка“ во изведба на Театар Колозов. Во 20:50 часот ќе настапи МГА „Везилка“ од Новаци со народни танци и ора, а во 21:00 часот свечено ќе биде отворена манифестацијата со обраќање на градоначалникот Стевче Стевановски.
Музичкиот дел од вечерта продолжува со настап на хумористот Игор Димовски и неговата програма „Пауза за ракија“, а завршува со концерт на Анета Арсовска и оркестарот Фаворити од 23:00 часот.


Во сабота (19 јули), забавата продолжува со нова детска претстава „Заги се враќа од Америка“ во 19:00 часот, а веднаш потоа и мјузиклот „Пинокио“. Централниот дел од вечерта е посветен на свеченото затворање и доделувањето благодарници и признанија на најуспешните земјоделци од општината, кое ќе се одржи во 21:00 часот.
Музичкиот спектакл ќе продолжи со настапите на Наум Петрески, како и популарните Борче Наумовски – Министерот, Адријана Ацеска и групата TWINS, кои ќе ја заокружат вечерта.
„Фестивалот на жетвата“ има за цел да ја зачува и промовира локалната традиција, културното наследство и вредностите на земјоделскиот живот, а организаторите ги покануваат сите граѓани да бидат дел од овој настан во срцето на Пелагонија.
Фестивалот е во рамки на годишната програма на општина Новаци и е поддржан од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство .



