Гран при на „Пеце Атанасовски“ за оркестарот „Александар“ од Австрија, „Гајдата на Пеце“ за Александар Ангелов од Штип

Оркестарот „Александар“ од Виена, Австрија е добитник на гран при наградата на 51. издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, кој се одржа викендов на Рудина, Долнени – лулката на гајдаџиството во Македонија.

На фестивалот учествуваа околу 300 изведувачи од земјава и од странство, кои го разлеваа македонскиот изворен мелос пред бројната публика.

Ние сме среќни што наоѓаме начини да ја негуваме оваа музика. За првпат во дијаспората може секој да дојде и да го учи изворниот македонски мелос. Настапуваме насекаде и ја шириме македонската музика и таа убава енергија, изјави Александар Арабаџиев, водачот на оркестарот „Александар“ во Виена.

Наградата „Гајдата на Пеце“, што традиционално ја доделува Општина Долнени, годинава ја понесе младиот гајдаџија Александар Ангелов од Штип.

Гајдата за мене има големо значење. Пораснав со тој звук – го свиреа моите предци и мојот татко. Ќе продолжам да ги негувам овие „волшебни звуци“, вели Ангелов.

Фестивалското жири додели и 10 статуетки со ликот на Пеце Атанасовски, како и три гајдарки за особени изведби, додека сите учесници добија дипломи за учество.

Во рамките на фестивалот се одржа и Семинар за изучување на изворниот мелос, како и Симпозиум на тема „Фолклорот во минатото и денес“, со цел продлабочување на знаењата и зачувување на македонската музичка традиција.

Слични Објави