Општина Новаци ги поддржува најмалите херои – ќе ја покрие котизацијата за учество на сите деца од општината во „Мини Трчај бе 2025“!
Општина Новаци продолжува со својата поддршка за младите генерации, најавувајќи дека ќе ја покрие котизацијата за учество на сите деца од општината на детската спортска манифестација „Мини Трчај бе 2025“. Настанот ќе се одржи на 1 јуни во Градскиот парк во Битола, а се очекува учество на стотици дечиња од целата држава. Со оваа одлука, Општина Новаци овозможува на сите свои најмлади жители родени во 2013 година и подоцна да бидат дел од оваа радосна и спортска авантура, без да ја сносат котизацијата од 700 денари која ја покриваат останатите учесници.
„Веруваме дека секое дете заслужува можност за активност, спорт и радост. Горди сме што можеме да ги поддржиме нашите најмлади херои и да бидеме дел од нивните детски спомени“, истакнаа од општината. Учесниците во „Мини Трчај бе 2025“ ќе добијат стартен пакет кој вклучува маичка, торбичка, медал и подароци. Покрај трката, ќе има и дополнителни активности за деца, а за најбрзите се предвидени и награди. Сепак, како што велат организаторите, главната цел не е победата, туку насмевките и радоста.
Родителите кои сакаат да ги пријават своите деца треба да ја контактираат Општина Новаци за деталите поврзани со покривањето на котизацијата. Настанот започнува во 10:00 часот, а организаторите повикуваат на семејна дружба, спортски дух и безброј детски насмевки.



