Стадионот „Петар Милошевски“ се подготвува за европско фудбалско дерби
Битола се подготвува да биде домаќин на меѓународен фудбалски натпревар за селекциите до 21 година помеѓу Македонија и Италија, кој ќе се одигра на 9 септември. По тој повод, денес во градот престојуваше делегација на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), предводена од претседателот Масар Омерагиќ.
Посетата имаше за цел да се изврши увид во состојбата на стадионот „Петар Милошевски“ и да се процени дали објектот ги исполнува техничките и безбедносните критериуми на УЕФА, кои се неопходни за добивање лиценца за одржување на меѓународен натпревар.
По увидот на терен, претседателот Омерагиќ и дел од тимот на ФФМ остварија средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која се разговараше за преземање на конкретни обврски од страна на општината и Федерацијата за уредување на стадионот и подобрување на условите. Целта е Битола да се претстави во најдобро светло пред европската фудбалска јавност.
„ФФМ ќе биде партнер во сите потребни активности за да го донесеме овој важен натпревар во Битола. Стадионот има потенцијал, а со соодветни подготовки може да го исполни стандардот на УЕФА“, изјави Омерагиќ.









Во продолжение на посетата, делегацијата од ФФМ ја посети и општина Битола, каде што со градоначалникот се разговараше и за пошироки теми поврзани со развојот на спортот во градот. Посебен акцент беше ставен на напредокот на битолските спортски колективи и на унапредувањето на училишниот спорт.
Градоначалникот Коњановски информираше дека општината аплицирала на јавниот повик на Владата за изградба на три нови спортски училишни сали и девет спортски игралишта, со цел да се подобрат условите за спортување кај младите.
Во знак на добра соработка, претседателот на ФФМ му подари на градоначалникот репрезентативен дрес со неговото име и бројот 9, симболично означувајќи го денот на натпреварот.



