Започнува Демирхисарското Културно Лето
Денес (4-ти јули) со отворање на археолошката изложба “Златниот антички наод од с.Тремник, Неготино” официјално започнува овогодинешното издание на Демирхисарското културно лето. Во наредните денови следуваат креативни работилници за “one minute video” во рамки на фестивалот за децентрализирана култура Блендер 2025, научни предавања во рамки на 8-мото издание на Демирхисарската летна школа, а на програмата која следи во текот на летниот период ќе има содржини проткаени во традиционалните манифестации како: Демирхисарска летна школа, Поетските манифестации “Славко Крстевски” и “Манастирско поетско ехо”, Музичката манифестација “Рок Хепенинг”, Манифестацијата “Илинден” во Смилево и други, како и гостувањата на фолклорни ансамбли од земјата и странство, театарски претстави, стенд ап комедии, изложби, промоции на книги, џез концерти и сл.
Од поактуелните настани и случувања се издвојуваат: стенд ап комедијата со Бојан Велевски (9-ти јули), гостувањето на Велешки театар (18-ти јули), настапот на групата Ареа на 10-то јубилејно издание на музичката манифестација “Рок хепенинг” (15-ти август), џез концертот на Сашо Поповски трио (3-ти септември) и многу други кои ќе допринесат за забава и рекреација на населението, а Демир Хисар ќе го стават на рамноправно место на културната мапа на Македонија редум со поголемите градови од републиката.
Културните настани и манифестации се во организација на Домот на културата “Илинден” Демир Хисар и во соработка со уметници, организации и културни институции, поддржани се од Општина Демир Хисар и Министерството за култура и туризам на Република Македонија и се во знак на одбележувањето на јубилеите: 80 години од формирањето на Демирхисарската околија, 70 години од основањето на Општина Демир Хисар и 65 години од основањето на ОУ Дом на културата “Илинден” Демир Хисар.