Влажните ливади во Преспа – денес во 13.30 часот
Денеска, со почеток од 13:30 часот во Малата сала на Општина Ресен, ќе се одржи презентација и тркалезна маса на тема: „Влажните ливади во Преспа: Значење, заштита и управување“.
Настанот се организира во рамки на активностите што шест години по ред ги координира Македонското еколошко друштво (МЕД), во соработка со Општина Ресен, Паркот на природата „Езерани“, Националниот парк „Галичица“, како и со локални сточари и земјоделци.
Влажните ливади имаат клучно значење за Преспанскиот регион – не само како природно богатство, туку и како ресурс што придонесува за одржување на биолошката разновидност, поттикнување на одржливи сточарски практики и превенција на пожари.
Со секоја измината година, активноста на косење на овие ливади се проширува, а денешната средба има цел да вклучи што повеќе чинители и корисници на просторот. Преку отворен формат, сите присутни ќе имаат можност да споделат согледувања, предлози и идеи за понатамошната заштита и управување со влажните ливади во Преспа.
Настанот претставува уште еден чекор во насока на одржливо управување со природните ресурси и јакнење на соработката меѓу институциите, експертите и локалната заедница.