Над 500 верници на 20 локации во Општина Прилеп ќе се фрлат по светиот крст за Водици
Над 500 верници ќе учествуваат во традиционалното фрлање по светиот крст на територијата на Општина Прилеп, в понеделник, на големиот христијански празник Богојавление – Водици 2026 година.
Одбележувањето на празникот започнува на 19 јануари со утрински богослужби во православните храмови, по што ќе следи чинот на положување на светиот крст во осветените води, со кој симболично се одбележува Христовото крштевање.
Централната манифестација ќе се одржи во 12:00 часот, со положување на светиот крст во базенот на Аква паркот „Салида“ во Прилеп. Покрај централниот настан, фрлање на светиот крст ќе се одржи и во уште 19 населени места во Општина Прилеп:
Селце, Витолиште, Бешиште, Полчиште, Ново Лагово, Загорани, Кадино Село, Мало Коњари, Големо Коњари, Беровци, Клепач, Ерековци, Галичани, Чепигово, Подмол, Алинци, Тополчани, Плетвар и Штавица.
Во утринските часови, во црквата „Св. Благовештение“, по традиционалното пуштање на гулаби во 6:30 часот и одржувањето на свечената божествена литургија, во 9:30 часот ќе се одржи и симболично фрлање на светиот крст во фонтаната во дворот на црквата. Овој настан е наменет за дечиња до 13-годишна возраст.



