(видео) По петти пат се одржува Меморијалниот турнир „Илија Карески“ во Прилеп
По петти пат во Прилеп се одржува Меморијалниот турнир „Илија Карески“, во чест на човекот кој остави длабока трага во развојот на пинг-понгот, не само во Прилеп и во Република Македонија, туку и надвор од нејзините граници.
Годинава турнирот е нешто послаб по бројност во однос на претходните изданија. Тајмингот се поклопи со значајни спортски и организациски настани во соседните држави – во Србија и Бугарија се одржуваат национални првенства, во Косово има изборно собрание, а во Грција се организира силен меѓународен турнир. За разлика од лани, кога имаше над 200 натпреварувачи, годинава учествуваат околу 60 до 70.
Сепак, оваа бројка воопшто не е за потценување. Турнирот се одржува во вистински спортски и натпреварувачки амбиент, со учесници во повеќе категории:
- до 13 години (машки и девојки),
- до 15 години (машки и девојки),
- до 19 години (машки),
- апсолутна категорија (машки и женска).
Натпреварите во овие категории се играат во сабота, додека во недела турнирот ќе го затворат ветераните.
Во апсолутната категорија е предвиден и награден фонд – 120 евра за прво место во машка конкуренција и 80 евра во женска, а ќе бидат наградени најдобрите осум натпреварувачи во двете категории.
Организаторите нагласуваат дека најважно е младите да спортуваат и активно да се вклучуваат во спортски активности – без разлика дали станува збор за пинг-понг, карате, џудо или екипни спортови како кошарка, фудбал и ракомет. Спортот е основа за здрав развој и правилно воспитување на младите генерации.
Турнирот се реализира со голема поддршка од Пинг-понгарската федерација на Македонија, која обезбедува инфраструктурна помош – маси, семафори и сѐ што е потребно за организација на еден ваков настан. Значајна е и континуираната поддршка од Општина Прилеп, која пет години по ред стои зад организацијата на меморијалниот турнир.
Меморијалниот турнир „Илија Карески“ продолжува да ја негува традицијата и да го чува споменот на човекот кој даде огромен придонес во македонскиот пинг-понг, со амбиција оваа спортска приказна да трае и во годините што следуваат.



