|

УКЛО ТРИВИУМ 2025 – Сцена за академска мисла, креативност и студентска зрелост

По повод 25 април – Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетското студентско собрание го организираше традиционалниот натпревар во ораторство – УКЛО ТРИВИУМ 2025. Овој значаен академскo – студентски настан претставува платформа за изразување на идеи, ставови и визии преку моќта на говорот и јавното настапување .

Со секое ново издание, УКЛО ТРИВИУМ се етаблира како централна сцена на која студентите го демонстрираат својот интелектуален капацитет, креативност и посветеност. Ораторските настапи претставуваат не само натпревар во комуникациски вештини, туку и автентичен израз на зрелоста, аналитичноста и критичкото мислење – вредности кои се темел на УКЛО како модерен и европски универзитет.

Настанот се одржа во свечена атмосфера, во присуство на ректорот проф. д-р Игор Неделковски, проректорите: Јасмина Буневска Талевска, Јове Димитрија Талевски и Цветко Андреески, претседателот на Сенат Филип Поповски, генералниот секретар, м-р Теодора Михајловска, декани, професори, студентите и други гости. Во своето обраќање, претседателот на Универзитетското студентско собрание, Димитар Атанасовски, нагласи дека студентите се движечка сила на Универзитетот и активни учесници во процесот на одлучување на институционално ниво, а УКЛО ТРИВИУМ е потврда за нивното залагање, за развој на критичката мисла, градење демократска култура и почитување на академската слобода.

Тричлената комисија, составена од проф. д-р Билјана Граматкоски, проф. д-р Изабела Филов и проф. д-р Снежана Саламовска, ги оцени настапите на учесниците и ги избра најдобрите говорници на годинешното издание: прво место, Ана Анастасова од Педагошкиот факултет – Битола, Теодора Христовска, второ место, студент од  Економскиот факултет – Прилеп и трето место  за Дарко Трпковски од Правниот факултет – Кичево.

Преку УКЛО ТРИВИУМ, Универзитетот повторно ја потврди својата заложба за негување на критичката мисла, зајакнување на демократските вредности и промовирање на академската слобода. Студентите на УКЛО не се само рецептивни субјекти во образовниот процес, туку суштински актери во креирањето на академската мисла и општествените трансформации.

Како дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, УКЛО ја споделува визијата за отворено и ангажирано високо образование, каде што студентите се препознаени како клучни партнери во иновацијата, етичкото лидерство и одржливиот развој.

Слични Објави