ТРИ ПРИЛЕПЧАНКИ ВО НАЦИОНАЛНАТА СЕЛЕКЦИЈА
Од 9 до 20 јули, во Подгорица ќе се одржи Европското младинско првенство во ракомет, на кое ќе учествуваат 24 репрезентации. Македонија е една од нив, а на списокот од 18 ракометарки што ќе го претставуваат нашиот национален тим се најдоа и три талентирани девојки од Прилеп.

Станува збор за средниот бек Исидора Котевска, десното крило Андреа Конеска и левото крило Ања Лашкоска. Котевска ја одигра минатата сезона во дресот на Металург Автокоманда и остави одличен впечаток со зрелата игра во организацијата на нападот. Конеска, пак, беше една од најпрецизните стрелки во тимот на Деспина, додека Лашкоска го привлече вниманието со квалитетни настапи за вториот тим на Ѓорче Петров.
Македонија ќе настапи во групата со селекциите на Унгарија, Полска и Чешка. Првиот натпревар нашите младинки ќе го одиграат веќе утре против силната селекција на Унгарија. Избраничките на селекторот Симе Симовски се подготвени да дадат максимум и достојно да ја претставуваат државата на европската сцена.



