Трговија со дете: За 500 евра ја убедиле да го предаде новороденчето на незаконско посвојување
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против шест лица осомничени за кривично дело „трговија со дете“, поврзано со организирање и реализирање незаконско посвојување на новородено бебе.
Според информациите од МВР, пријавени се Ф.А. (63), Ѓ.К. (57), И.Ш. (35) и Џ.Ш. (35) од Скопје, како и С.Ј. од Куманово и И.А. од Тетово. Случајот го истражувала Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Секторот за криминалистички истраги.
Истрагата покажала дека во текот на 2024 и 2025 година дел од осомничените воспоставувале контакти со брачни парови заинтересирани за посвојување, како и со родители кои се наоѓале во тешка материјална и социјална состојба, со цел да ја заобиколат законската процедура за посвојување деца.
Според наводите во пријавата, С.Ј. и нејзиниот невенчан сопруг И.А. биле убедени да го предадат своето новородено дете во замена за финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи. По отпуштањето од болница, мајката и бебето биле сместени во дом, каде што подоцна пристигнале лицата кои требало незаконски да го преземат новороденчето.
Од МВР информираат дека на 17 октомври 2025 година бил склучен договор за заем од 500 евра меѓу едно од осомничените лица и таткото на детето. Според истрагата, средствата биле исплатени истиот ден и претставувале надомест за незаконското посвојување.
По предлог на надлежните органи, судија на претходна постапка на сите шест осомничени им определил мерка домашен притвор. Истражните дејствија за целосно расчистување на случајот продолжуваат.


