Таи Чи за здраво мајчинство – настан во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“
Во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ денеска беше одбележан Светскиот ден на Таи Чи и Чи Гонг (World Tai Chi and Qigong Day) со настанот „Спокојни почетоци“, насочен кон унапредување на здравјето и благосостојбата на бремените жени.
Настанот се одржа во рамки на Школата за трудници, во организација на УНФПА, Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, во соработка со болницата.
Под мотото „Спокојни почетоци“, настанот беше посветен на подигање на свеста за мааноста на физичката активност и менталната релаксација за време на бременоста. Присутните трудници, заедно со нивните партнери, имаа можност да се запознаат со придобивките од Таи Чи – древна кинеска практика која комбинира бавни и контролирани движења, правилно дишење и техники за смирување на умот.
Стручните лица потенцираа дека Таи Чи може да биде безбедна и ефикасна форма на вежбање за бремените жени, помагајќи во намалување на стресот, подобрување на рамнотежата и физичката подготвеност, како и во создавање чувство на внатрешен мир.
Настанот претставува дел од пошироките активности за промоција на здрави животни навики и поддршка на мајчинството, при што се истакнува важноста од интегрирање на традиционални техники како Таи Чи и Чи Гонг во современите програми за грижа за бремените жени.
Со вакви иницијативи, Прилеп се приклучува кон глобалното одбележување на овој ден, испраќајќи порака за значењето на холистичкиот пристап кон здравјето и благосостојбата.



