Стапуваат на сила казните, 40 евра за пешак со телефон, 50 евра за тротинет на пешачки
Од денеска почнаа да важат измените на Законот за безбедност во сообраќајот, секој што ќе преминува пешачки со мобилен телефон или ќе вози тротинет преку обележан премин веќе се сметаат за прекршок што се санкционира со парична казна.
Пешак што ќе преминува коловоз или велосипедска патека со телефон на уво или во рака ќе плати казна од 40 евра. За возачите на тротинети, мотори или трактори кои користат електронски уреди додека управуваат со возилото, казната изнесува 50 евра.
Со законските измени, сите учесници во сообраќајот се должни да се движат внимателно и да не користат уреди кои го одвлекуваат вниманието при преминување улица или возење.
Од почетокот на наредната година се воведуваат и построги санкции за возачите на автомобили – за минување на црвено светло и за непрописно паркирање. Контролата ќе се врши преку камерите поставени во рамки на проектот „Сејф сити“.
Во повеќе европски држави ваквите мерки се одамна воспоставени. Во Франција возење тротинет по тротоар се казнува со 135 евра, во Литванија пешак со телефон на пешачки премин плаќа до 40 евра, а во Данска казната достигнува и до 140 евра.
Со ова, Македонија се вбројува меѓу земјите од регионот со најригорозни правила за пешаците и корисниците на тротинети.



