ПРОДОЛЖУВА ПОДОБРУВАЊЕТО НА УСЛОВИТЕ ВО СОУ ГИМНАЗИЈА „ЈОСИП БРОЗ ТИТО“
Во Гимназијата „Јосип Броз – Тито“, ова лето се одвиваат интензивни работни активности, со цел подобрување на условите за учениците и вработените во училиштето.
Работата во објектот започна по завршувањето на учебната година, со внатрешно реновирање на училиштето, а во текот на летото се работи на промена на сите врати, кои се стари повеќе од еден век, реконструкција на ходникот на вториот кат со поставување на нови плочки, како и подготовка на нов, современо опремен хемиски кабинет.
Инвестицијата за мебел во хемискиот кабинет изнесува 518 140 денари, додека за промена на вратите и реконструкција на подовите се инвестираат 2 844 326 денари.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, го посети училиштето и се сретна со директорката на училиштето. Директорката на училиштето, Лидија Споа, нагласи дека менаџерскиот тим е насочен кон постојано вложување во создавањето на подобри услови за учениците и професорите, кои во континуитет бележат видливи резултати, кога станува збор за постигнувањата на учениците од ова училиште на општинските, државните и меѓународните натпревари. Токму затоа, особено е значајно условите во кои се одвива наставата да бидат подобрени, во насока на создавање позитивна и мотивирачка атмосфера.
Реновирањето во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола, се реализира со поддршка од Општина Битола и Министерството за образование и наука.