Повисоки цени на лебот во Прилеп
Растот на цената на дизелот почнува директно да се одразува врз секојдневните трошоци на граѓаните. Од денес, во дел од пекарниците во Прилеп бел леб од 450 грама ќе се продава по 40 денари, што е зголемување од претходните 35 денари.
Од 1 април, и во дел од пекарниците во Штип, Кочани и Битола се очекува повисока цена на одредени видови леб, – белиот леб од 450 грама, кој во моментов во дел од продавниците се продава за околу 35 денари, како и за стандардниот леб тип 500.
Според реакции на граѓани, во одредени продажни места веќе е забележана и повисока цена на сечканиот бел леб, кој достигнува до 40 денари.
Пекарите појаснува дека долгиот период на исти цени веќе не може да се одржи, поради значително зголемените трошоци за производство и транспорт.
Поскапувања се забележуваат и кај други основни производи. Пиперките, доматите и тиквичките веќе подолг период се продаваат по повисоки цени, а во пресрет на Велигден, килограм јагнешко достигнува 700 до 800 денари.
Синдикалните податоци покажуваат дека синдикалната кошничка за три месеци се зголемила за повеќе од 2.000 денари, додека минималната плата се зголеми за 1.600 денари. Прашањето останува дали тоа ќе биде доволно за да се ублажи ударот од растечките трошоци за живот.


