Октомвриска вечер: Прослава на уметноста, поезијата и виното
Во пресрет на 11 Октомври, еден од најголемите национални празници, во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе биде отворена поставка на дела од академскиот сликар Сергеј Андреевски во рамките на настанот „Октомвриска вечер: Прослава на уметноста, поезијата и виното“ што ќе се одржи денес, 10 октомври, со почеток во 18:30 часот.
Во рамките на овој настан, тројца актери од Прилепскиот театар – Даниела Иваноска, Наташа Наумоска и Димитар Ѓорѓиевски – ќе рецитираат поезија од Петре М. Андреевски и од Светлана Христова-Јоциќ.
Во пресрет на еден од најголемите национални празници, токму во предвечерието кога пред 82 години е означен почетокот на антифашистичката борба во Градот Херој и Првоборец, ќе чествуваме заедно со најсовременото оружје на 21 век- културата, моќта на уметноста и зборот.
Со цел промоција на македонските брендови, овој пат ќе бидат промовирани производи на една македонска компанија!
Да го освојуваме светот со сопствени брендови: во уметноста, поезијата, со домашното производство!
Честит и вековит 11 Октомври!