Моштите на великомаченичката Света Недела пречекани и трајно ќе останат во храмот
Во битолскиот храм „Света Недела“ денес свечено беа пречекани моштите на великомаченичката Света Недела (Света Киријакија), кои за прв пат ќе бидат трајно поставени во црквата што го носи нејзиното име. Настанот привлече голем број верници кои со побожност се поклонија пред реликвиите.
Протоереј Љупчо Атанасов објасни дека процесот на донесување на моштите започнал пред неколку години, по посетата на холандскиот свештеник Рафаил, кој служи во Цариградската Диецеза во Холандија. При неговата прва посета тој бил воодушевен од духот во Битола и од храмот. Тогаш донесол мошти од Свети Никола, а ветил дека по Божја промисла би можеле да се донесат и моштите на Света Недела, кои неговата парохија ги поседува со сертификат од Цариград.
Иако било очекувано отец Рафаил лично да ги донесе моштите годинава, на негова покана отец Стеван отпатувал во Холандија, од каде моштите биле пренесени во Македонија во октомври. Во изминатите недели бил изработен и специјалниот кивот – дрвено ковчеже во кое моштите ќе бидат изложени.
Уште од раните утрински часови храмот беше исполнет со подготовките за свечениот чин. Членовите на женскиот хор и црковните служители ги завршуваа последните подготовки, а патеката до олтарот беше посипана со ружини ливчиња од црковниот двор.
Со благочестива поворка, согласно традицијата за пречек на свети мошти, свештенството го внесе кивотот во храмот. Верниците со трпение чекаа да се поклонат и беа помазани со свет елеј.
Светата литургија ја водеше протоереј Николче Неделковски, заедно со протоереите Стеван Здравевски и Крсте Тасески, а служеше и ѓаконот Михаил Атанасов.
Света Недела, позната и како Света Киријакија Никомидиска, е великомаченичка од раната христијанска епоха. Родена во Никомедија (денешен Измит, Турција), таа пострадала за време на прогонствата на царот Диоклецијан во 289 година. Најзначајниот дел од нејзините мошти – чесниот череп – се чува во манастирот Памегисти Таксиарх близу Егио во Грција, а делови се наоѓаат и во Александрополис и во романскиот град Хуши.
Битолската „Света Недела“ станува нов духовен дом на дел од реликвиите, кои отсега ќе бидат постојан благослов за верниците што ќе го посетуваат храмот.



