|

„Млади археолози“ кај Маркови Кули (видео)

Во подножјето на моќните Маркови Кули, каде што карпите шепотат приказни стари над две илјади години, се одвиваат заштитни археолошки истражувања на уникатни гробници – длабени во камен, сведоци на едно одамна минато време. Ова се гробници од т.н. македонски тип – длабени во карпа, со прецизна архитектура: дромос – камен ходник, преткомора и гробна комора во која се положувале спалените остатоци на покојниците. Потекнуваат од доцнохеленистичкиот период – II до I век пред нашата ера.



На 30 мај 2025 година, археологијата оживеа и во срцата на најмладите. Во соработка со ООУ „Страшо Пинџур“ од село Мало Коњари и професорот Филип Стеваноски, се одржа едукативна работилница „Млади археолози“ – дел од одбележувањето на 70-годишниот јубилеј на Музејот и Заводот.

Оваа работилница не беше само настава – беше искуство, беше допир со историјата. Преку рацете на најмладите, ја градиме иднината на нашето културно наследство. Зашто, кога децата ќе ја разберат вредноста на минатото – тогаш иднината добива длабочина и смисла.

Слични Објави