|

„Марш за ангелите“ денеска во Скопје – повик за правда и одговорност

Денеска напладне, во 12:05 часот, пред Јавното обвинителство во Скопје ќе започне протестниот „Марш за ангелите“, организиран од семејствата на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Времето на почетокот – 12:05 – е симболичен протест против доцнењето и неефикасноста на институциите.

Маршот ќе продолжи кон плоштадот „Македонија“, а ќе заврши пред Собранието на Република Северна Македонија. Организаторите бараат правда, одговорност и транспарентност во постапките за расветлување на трагедијата.

„Не сме правници, но знаеме што е неправда. Како е можно некој да биде притворен, па веднаш пуштен – без јасно објаснување? Ова не само што ја урива довербата во институциите, туку води до очај“, се наведува во соопштението од семејствата.

Тие порачуваат дека нема да престанат да ја бараат вистината и ги повикуваат сите граѓани од државата да им се придружат и да изразат солидарност.

Од Јавното обвинителство вчера изјавија дека стојат на располагање за средба со семејствата и за добивање подетални информации околу истрагата што ја водат надлежните обвинители.

Слични Објави