Саат кулата во Битола осветлена во чест на Меѓународниот ден на ретки болести
28 февруари се одбележува Меѓународниот ден на лицата со ретки болести – ден посветен на подигање на јавната свест за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат овие лица и нивните семејства.
Во знак на поддршка, Саат кулата и зградата на Општина Битола се осветлени во симболичните бои кои испраќаат порака за солидарност, разбирање и инклузија.
Во пресрет на одбележувањето, Општина Битола објави јавен повик за финансиска поддршка на лица со ретки болести. Повикот се однесува на покривање на патни трошоци до болници надвор од Битола, како и поддршка за лица кои се наоѓаат во незавидна социјална положба, со цел олеснување на нивното лекување и секојдневие.
Со ваквите активности, локалната самоуправа испраќа порака дека грижата, емпатијата и конкретната помош се клучни за создавање поинклузивно и похумано општество.



