Македонија денеска против Португалија на ЕП во ракомет

По очекуваниот пораз од фаворитот Данска на стартот од Европското првенство, македонската ракометна репрезентација денеска го игра вториот натпревар во групната фаза. Противник е силната селекција на Португалија, која во првото коло славеше над Романија.



Португалија важи за фаворит и е репрезентација во подем, со добри настапи на последните големи натпреварувања. На последното Европско првенство го освои седмото место, додека најдобар пласман има во 2020 година – шесто место.

Ова е деветто Европско првенство и за двете селекции. Македонија својот најдобар резултат го постигна во 2012 година, кога го освои петтото место.

Селекторот Кирил Лазаров очекува подобро издание на својот тим:
– Ќе се потрудиме да одиграме подобро од првиот натпревар и да им го „расипеме“ планот за борба за медал, изјави Лазаров.

Македонија и Португалија досега одиграле 10 меѓусебни натпревари, сите во квалификации за Европско првенство. Денешниот дуел ќе биде нивен прв на големо натпреварување. Последните две средби, одиграни во март 2023 година, ѝ припаднаа на Португалија, но македонската репрезентација во минатото има остварено важни победи кои значеле и пласман на големи шампионати.

Со евентуална победа, шансите на Македонија за пласман во следната рунда значително ќе се зголемат, но ќе биде неопходна и победа против Романија во последното коло.

– Натпреварот со Данска е зад нас. Португалија е нашиот најважен меч на ова првенство. Имавме проблеми во нападот кои мора да ги поправиме и верувам дека ќе успееме во тоа. Подготвени сме да ги израдуваме навивачите, изјави десното крило Никола Костески.

Натпреварот се игра во Хернинг, со почеток од 18 часот

Слични Објави