Летен Свети Никола – Чудотворецот и заштитникот на морнарите
Денес верниците од православната вера го одбележуваат Летниот Свети Никола, празник посветен на преносот на моштите на Свети Никола Мирликиски Чудотворец – еден од најпочитуваните светци во христијанството. Свети Никола е познат како чудотворец, а бројни сведоштва и преданија раскажуваат за чуда што се случиле преку неговите мошти. Тој е заштитник на морнарите, спасител на заробени и изгубени бродови. Затоа, и денес, морнарите му се молат кога се наоѓаат во опасност или во невреме на отворено море.
Овој светител, познат по својата милостивост, мудрост и храброст, целиот свој живот го посветил на служење на Бога и на помагање на луѓето. Уште за време на својот живот бил сметан за светец, а верата во неговата моќ да помогне и да излечи се задржала до денес. На овој ден, според древната традиција, бродовите ги спуштаат сидрата и морнарите престануваат со работа, молејќи му се на светителот за заштита и благослов. Исто така, се верува дека не треба да се перат алишта, да се чисти домот или да се извршуваат домашни работи, како знак на почит. Верниците веруваат дека по молитвата до Свети Никола, се случуваат чуда – се враќа видот на слепите, слухот на глувите, а надежта кај оние што страдаат од болести и душевна мака.