Во три дена издадени над 2.000 казни за сообраќајни прекршоци

Во текот на првите три дена од оваа работна седмица (19, 20 и 21 мај), полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи (МВР), во рамки на засилените сообраќајни контроли низ државата, издадоа вкупно 2.023 платни налози за непочитување на сообраќајните правила и прописи.



Според податоците на МВР, најчести прекршоци во наведениот период биле:

  • непрописно паркирање – 508 случаи,
  • возење со брзина поголема од дозволената – 362 случаи,
  • управување возило без возачка дозвола – 165 случаи.

Контролите опфатија и други учесници во сообраќајот. Изречени се 127 мерки за прекршоци од пешаци, 55 санкции за возачи на мотоцикл поради неносење заштитна кацига, како и 18 санкции за управување под дејство на алкохол. Дополнително, санкционирани се и 6 возачи за минување на крстосница при црвено светло, 121 лице за неносење сигурносен појас и 99 лица за користење мобилен телефон за време на возење. Согласно Законот за возила, од сообраќај беа исклучени 50 нерегистрирани и 12 технички неисправни возила.

Од МВР најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредните денови и упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат до важечките правила и прописи. „Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, стои во соопштението на Министерството.

Слични Објави