| |

Културата не молчи: Културните работници со протест пред Министерството за култура

Под мотото „Културата нема да молчи“, културните работници денеска се собраа пред Министерството за култура на протестен Совет, револтирани од неисплатените плати и непочитувањето на Колективниот договор. Главните барања беа транспарентност, достојни услови за работа и департизација на културните институции.

„Денеска стоиме овде не затоа што сакаме, туку затоа што мораме. Оваа борба трае предолго – секоја година, март и април не доведуваат до работ на трпението и достоинството“, изјави Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот за култура, потенцирајќи дека над 3000 вработени останале без примања пред големиот христијански празник Велигден.

Културните работници побараа итна примена на Колективниот договор кој предвидува усогласување на платите според растот на животниот стандард. „Сега кога конечно имаме договор и јасни правила, државата ги крши. Тоа е не само административна грешка, туку и морално предавство“, порача Атанасовска.

Од Министерството за култура информираа дека доцнењето се должи на усогласување на пресметките со Министерството за финансии, и најавија дека платите ќе бидат исплатени во првите два работни дена по празниците. Министерот Зоран Љутков преку социјалните мрежи се извини на вработените и вети дека „овие ситуации никогаш повеќе нема да се повторат“.

Иако протестот беше мирен, пораката беше гласна и јасна: културните работници нема да дозволат културата да биде потценета и заборавена. Ако институциите не ги слушнат, велат, улицата ќе продолжи да биде нивниот глас.

Слични Објави