Филм, документарец и серија за животот на Тоше Проески
Министрите за култура и дигитална трансформација, Зоран Љутков и Стефан Андоновски, најавија амбициозен проект посветен на животот и делото на македонската музичка легенда Тоше Проески. Проектот ќе опфати снимање на игран филм, документарец и телевизиска серија во неколку продолженија, кои ќе го проследат неговиот живот и мисија.
Македонската радио-телевизија (МРТ) е носител на проектот, а како копродуценти ќе се вклучат неколку национални телевизии од Балканот. Финансиските средства во износ од 95 милиони денари ќе бидат обезбедени од државниот буџет преку Министерството за дигитална трансформација.
„Идејата потекна од МРТ и копродукции од Македонија и Балканот, но инспирацијата и иницијативата беа водени од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Во координација со Министерствата за култура и финансии, средствата беа обезбедени во рекордно време,“ изјави министерот Андоновски.
Проектот ќе се реализира во текот на наредните две години, започнувајќи со фаза на подготовка, а потоа и снимање.
Министерот за култура, Зоран Љутков, потврди дека е добиена согласност од семејството на Тоше Проески. „Подготвени сме да ја разоткриеме неговата приказна и да ја претставиме инспирацијата што тој ја носеше,“ додаде Љутков.
Овој значаен проект ќе биде уште еден начин за чување на наследството на Тоше Проески, кој остави неизбришлив траг во музиката и хуманоста.