Театарот ги спои Балканот и Европа – заврши „Актерот на Европа 2025“
Заврши 23-то издание на фестивалот „Актерот на Европа 2025“ – Врвни претстави, награди и уметност под ѕвездите на Преспа
Заврши 23-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, кој традиционално се одржува на отворената сцена во Сарајот во Ресен. На 11 јули, фестивалот беше заокружен со доделување награди и изведба на претставата „Јелена Савојска“, во продукција од Црна Гора.
Претставата „Јелена Савојска“, работена по текст на Марија Сарап, во режија на Зоран Ракочевиќ, со актерката Јелена Ѓукиќ, ги освои наградите за Најдобра претстава и Најдобар драмски текст.
Според одлуката на жирито составено од Гоце Ристовски (претседател), Трајче Кацаров и Елена Трајковска, наградата Актер на Европа за годишно остварување му беше доделена на македонскиот актер Здравко Стојмиров за изведбата на претставата „Фетишист“, по текст на Мишел Турние, во продукција на Народниот театар Битола.
Наградата на публиката ја доби претставата „Нушиќ лично“, во продукција на Народниот театар на Тимочка Краина „Зоран Радмиловиќ“ од Заечар и Фондацијата „Нушиќ“ од Белград, под режија и текст на Миодраг Илиќ.
Наградата „Жак Лакариер“ беше доделена на грчката претстава „Lebensraum – Експеримент во добрина“, во режија на Јанис Димакас, продукција на Театар Теато Парамитиас Теспортиас.
Во категоријата „Млада Европа“, признанија добија младите актери Стефан Ѓорчев и Антониј Ѓоргиев Илиоски за улогите во претставата „Сега му е мајката“, по текст на Горан Стефановски, во режија на Владо Денчов, продукција на „Алтернативен театар Пробатон“ од Свети Николе.
Фестивалот годинава започна со доделување на наградата за животно дело на германскиот актер и режисер Брајан Мајклс, додека наградата „Клучевите на Преспа“ им беше врачена на проф. Џемс Петифер од Оксфорд и проф. д-р Никола Јанкуловски.
Големата Повелба „Балканот – Срцето на Европа“, постхумно му беше доделена на албанскиот писател и долгогодишен поддржувач на фестивалот, Исмаил Кадаре. Добитници на истата награда се и Танасис Триаридис (Грција), Саша Драгиќ (Србија) и Љубомир Кекеновски (Македонија).
И оваа година, „Актерот на Европа“ потврди дека театарот е жив мост на разбирање, културна размена и европска поврзаност, токму од Преспа – регионот каде се спојуваат традициите, јазиците и уметноста.



