Американски добри практики претставени пред граѓанскиот сектор во Прилеп
Денес, во просториите на Станица Пет – Прилеп, се одржа работилницата „Одговорен град и заедница“, на која се дискутираа успешни примери од Градскиот совет на Њу Орлеанс, САД, со цел нивна адаптација и примена во локалната заедница.
Настанот беше организиран во рамки на иницијативата „Одговорен град и заедница“, која се реализира преку американската Програма за решенија во заедницата (Community Solutions Program). Работилницата ја водеа Алисон Поорт, шефица на кабинетот на Дистрикт Б при Советот на Њу Орлеанс, и Климентина Ѓорѓиоска, учесничка (fellow) на програмата.
Присутните имаа можност да се запознаат со конкретни механизми и алатки за одговорно управување, транспарентност и активно вклучување на граѓаните во процесите на носење одлуки – практики што се веќе докажани во американскиот контекст.







На настанот учествуваа и претставници на неколку граѓански организации од Прилеп, кои активно дискутираа и споделија примери од своето работење, иницијативи за унапредување на локалната транспарентност, како и предизвици со кои се соочуваат во секојдневното делување.
Во рамки на дискусијата беше нагласено дека многу од овие примери можат успешно да се приспособат и во нашите општини, особено во делот на отворени седници на советите, дигитална комуникација со граѓаните, отчетноста на избраните претставници и системите за пријава на проблеми од страна на заедницата.



