| |

Богатството веќе не е проклетство на Ресен?

Убава вест е дека Ресен (и Преспа е во оваа Општина) повеќе не е борчлија и сметката му е одблокирана после 14 години (од 2009 година).

Некој ќе си рече „голема работа, со толку национално богатство во неготиот атар“, ама треба и тоа да се знае дека пред две и половина години, „новите општинари“ беа почестени со 40 милиони долг, а работата да биде посериозна, најголемото богатство на Ресен и ресенско – двата (читај трите, ако тука го ставиме и „Езерани“) национални паркови и регионалниот пат – кој поминува насред Ресен, наместо да им носи некоја придобивка, им донесе само закочување на проектите, до степен градоначалникот да „не може да мрдне“, затоа што „нема надлежности“, но и надвор од надлежностите, мора да троши пари за одржување и интервенции на „богатството на Ресен“.

Горе високо – долу длабоко. Ама, еве „мрдал“, заедно со тимот планери, „тркачи“ и останати општинари, па го платил „туѓиот долг“ и веќе имал 12 милиони на сметка, така барем се пофалија од општината, а не гледам зошто да не им веруваме. Секој знае дека е лесно да собереш пари ако откажеш проекти, обврски, ако не дадеш пари на тие – кои ги чекаат.

Дали е тоа случај овде? Гледавме по тоа фејсбуците и веб страницата, па случајот не е таков. Арно проекти спровеле (поважни се десетина, а вкупно осумдесетина) и арно биле отчетни и транспарентни и спровеле и „форумски сесии“ и стратешки планирања и тераат со јавниот увид на плановите за животната средина (тоа е Нацрт извештај за Стратегиска оценка на влијанието на животната средина за Планот за управување со Споменик на природа Преспанско Езеро), затоа што скоро цела територија на Ресен е под заштита, што значи дека не смее да се чепне било што (ниту градби, ниту планови, ниту фотоволтаици, ниту патишта… ништо!), ако нема таков План за управување, кој го „чешлаат“ од неколку министерства, а на него работат и странци и домашни. Ако го имаш, тоа е благосостојба, проектчиња и париња, но ако го немаш, твоето богатство станува твоја клетва и ти ги врзува рацете. Додуша, можело и побргу да се донесе, затоа што е со планирањето започнато уште пред повеќе од 10 години, но што е – тука е, па подобро некогаш, отколку, никогаш.

Ете, на градоначалникот Јован Тозиевски „му се падна парето“ и тоа да го сработи, што ниту е лесно, ниту е евтино, а не е ниту близу до крајот. Убаво е и тоа што овој план цел месец е на јавна дебата и проценка, сиот е објавен на страницата на општината и секој може да сѝ реагира, но можело и да се дадат разбириви мислења на експертите и да се каже понародски „каде лежи зајакот“, за да стимулира повеќе дебата, повеќе компании и институции да учествуваат и да се развијат повеќе идеи за измени.

Главно е дека граѓаните мораат овие стратешки акти да ги сметаат за свои, за да застанат зад нивна заштита и да бараат тие да се спроведуваат. Не само овде во Ресен, градоначалниците треба да разберат дека колку повеќе „ја тераат работата“ непартиски, колку, повеќе предизвикале јавно учество и колку повеќе граѓани, фирми, универзитети и институции вклучиле во своите одлуки, толку повеќе ќе имаат бенефит од тоа. Гледаме дека Ресен разбрал и бара и добива одговор од граѓаните, па да се надеваме дека така и ќе продолжат.

Слични Објави