Граѓани реагираат: Повторно се сечат дрвја во Прилеп, кој наредил да се исечат багремите?
Повторно реакции кај граѓаните поради сечење дрвја во Прилеп. Денеска на мета беа здрави багреми, а она што дополнително ја отвора дилемата е фактот што дрвјата што се сечат не биле обележани.
Во видеото од настанот, лицата кои ја спроведуваат одлуката велат дека им било наредено да ги исечат дрвјата, но дека тие самите не сакале да го прават тоа. Сепак, не откриваат кој им ја дал наредбата, ниту кој ја донел одлуката за сечење.
Токму тоа е прашањето на кое граѓаните бараат одговор: кој наредил да се исечат здравите багреми, врз основа на каква проценка и со каква документација?
Случајот дополнително ја отвора темата за односот кон зеленилото во градот, особено по случувањата со јаворот во ООУ „Кочо Рацин“. Потсетуваме дека Министерството за животна средина на 25 август донесе решение со кое го поништи одобрението за сечење на јаворот, по поднесена жалба од Жарко Стефановски.
И покрај претходните реакции и институционалната постапка, сечењето дрвја повторно предизвикува незадоволство кај граѓаните.
Не е спорно дека зеленилото понекогаш бара интервенции, но јавноста има право да знае кој ги носи одлуките, врз основа на кои стручни проценки и дали постапката е спроведена согласно закон.
Засега, остануваат прашањата: Кој оценил дека се за сечење и кој наредил да се исечат багремите?


