ПРИЛЕП СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ГРАДСКАТА СЛАВА „СВЕТИ НИКОЛА“
Општина Прилеп и годинашните домаќини ги привршуваат подготовките за одбележување на градската слава „Свети Никола“, која традиционално се одбележува на 19 декември.
Дел од празничните активности ќе биде подготовката на традиционалните посни сарми во трпезаријата на храмот „Св. Благовештение“, каде што претставнички на повеќе женски здруженија од Прилеп ќе ја подготвуваат празничната трпеза.
Годинашни домаќини на градската слава се кетеринг-компанијата „Рустика“. На 19 декември, на плоштадот „Александрија“, за граѓаните ќе биде поставена традиционалната посна трпеза, а на Камената бина ќе се одржи културно-уметничка и музичка програма со почеток во 12 часот.
Програмата ќе ја води Игор Џамбазов, а настапи ќе имаат пејачката Дани и етно-составот „Љубојна“.
Одбележувањето на Свети Никола во Прилеп веќе две децении е дел од градската традиција. Заедничката посна трпеза и празничните активности се организираат во чест на заштитникот на градот, а секоја година привлекуваат голем број прилепчани и гости.
Централните верски чествувања ќе се одржат во храмот „Св. Благовештение“ и пред параклисот на Свети Никола во центарот на градот.
Градската слава и годинава ќе биде можност за заедничко одбележување на празникот, негување на традицијата и споделување на празничната трпеза.


