„НЕ БИДИ ТРУПЕЦ, ЗАСАДИ ДРВO“ – СИНА РЕВОЛУЦИЈА ПО ЧЕТВРТИ ПАТ ОРГАНИЗИРА АКЦИЈА ЗА ПОШУМУВАЊЕ

По повод Светскиот ден на дијабетесот, здружението СИНА РЕВОЛУЦИЈА на 15 ноември организира еколошка акција за пошумување во атарот на манастирот „Св. Димитриј“ во село Селце.

По четврти пат, здружението на граѓани СИНА РЕВОЛУЦИЈА ја организира еколошката акција за пошумување под мотото „НЕ БИДИ ТРУПЕЦ, ЗАСАДИ ДРВО“, со цел да ја подигне јавната свест за заштитата на животната средина и да испрати порака за одговорност, солидарност и грижа за идните генерации.

Акцијата ќе се одржи на 15 ноември 2026 година (недела), со почеток во 10:00 часот, во атарот на манастирот „Св. Димитриј“ во село Селце. Организаторите упатуваат отворен повик до сите граѓани, волонтери, компании, институции, организации и добронамерни луѓе да се приклучат и со својот придонес да помогнат во создавањето поздрава и позелена животна средина.

Заинтересираните волонтери кои немаат сопствен превоз ќе можат да ја искористат можноста за бесплатен организиран превоз до локацијата. Поаѓањето е предвидено во 09:30 часот, пред Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Оваа еколошка иницијатива има посебна симболика, бидејќи се организира по повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември, поврзувајќи ја грижата за човековото здравје со грижата за природата.

Лицата со дијабетес секојдневно користат инсулински игли, ленти за мерење гликемија, сензори, ланцети и други медицински помагала неопходни за одржување на нивното здравје и квалитет на живот. Нивната употреба создава специфичен медицински отпад, кој е дел од еколошкиот отпечаток на животот со дијабетес.

„Не можеме да се откажеме од медицинските помагала кои ни го спасуваат животот, но можеме да преземеме одговорност и да направиме нешто добро за природата“, порачуваат од СИНА РЕВОЛУЦИЈА.

Оттаму посочуваат дека целта на акцијата не е само симболично да се надомести дел од еколошкиот отпечаток, туку и да се отвори поширока дискусија за правилното постапување со медицинскиот отпад, заштитата на шумите и потребата од поголема граѓанска ангажираност во зачувувањето на животната средина.

За организаторите, оваа иницијатива е многу повеќе од еднодневна активност. Таа претставува порака дека лицата со дијабетес не се само корисници на здравствени услуги, туку и активни членови на општеството, подготвени да придонесуваат за подобра и поодржлива иднина.

Со секое засадено дрво се создава нова вредност, се остава позитивен пример и се испраќа јасна порака дека промените започнуваат од секој од нас.

Бидејќи природата не треба само да ја користиме – треба и да ѝ враќаме.

Фотографии од минатите години

„НЕ БИДИ ТРУПЕЦ, ЗАСАДИ ДРВО!“

Информации за акцијата:

  • Датум: 15 ноември 2026 година (недела)
  • Почеток: 10:00 часот
  • Локација: Манастир „Св. Димитриј“, село Селце
  • Организиран превоз: 09:30 часот, пред Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп
  • Превозот е бесплатен за сите заинтересирани волонтери.

Слични Објави