И малите општини можат да бидат транспарентни – Кривогаштани со нова веб-страница
Транспарентноста почнува со достапни информации
Општина Кривогаштани ја промовираше својата нова официјална веб-страница, со која се отвора полесен и подостапен пристап до информациите за работењето на локалната самоуправа.
Преку оваа дигитална платформа, жителите на едно место ќе можат да пронајдат документи, одлуки, известувања и други информации од јавен интерес, без потреба да ги бараат на различни места или непосредно во општинските служби.
Градоначалникот Игор Каравилоски посочува дека целта е подобра информираност, поголема транспарентност и полесен пристап до општинските услуги.
„Нашата цел е модерна, отворена и транспарентна општина, во која информациите и услугите ќе бидат подостапни за секого, На неа редовно објавуваме документи, одлуки, известувања и информации за работењето на општината. Веруваме дека навременото информирање, транспарентноста и отчетноста се основа за градење доверба меѓу локалната самоуправа и граѓаните.
Веб-страницата сè уште е во фаза на доработка и надградба. Во наредниот период планираме да воведеме и можност за онлајн плаќање на даноци и такси, со што ќе им овозможиме на граѓаните побрзо и поедноставно исполнување на оваа обврска.“ наведува Каравилоски.
Веб-страницата е изработена врз основа на договор меѓу Општина Кривогаштани и Министерството за дигитална трансформација. Иако сè уште е во фаза на доработка и надградба, најавено е дека во наредниот период ќе се воведе и можност за онлајн плаќање даноци и такси. Тоа би требало да им овозможи на граѓаните побрзо и поедноставно исполнување на обврските кон општината.
Примерот на Кривогаштани покажува дека и помалите општини можат да преземат конкретни чекори кон поотворено работење, при што транспарентноста не е само обврска, туку и начин граѓаните навремено да добиваат проверливи информации и подобро да го следат работењето на институциите.
Во Пелагонискиот Регион, ваквите чекори се надоврзуваат на долгогодишните напори на АГТИС за унапредување на транспарентноста и отчетноста на општините, како и за создавање услови информациите од јавен интерес да бидат полесно достапни за сите граѓани.
„Транспарентноста не завршува со објавувањето информации, туку подразбира тие да бидат навремени, проверливи и лесно достапни за секој граѓанин. Примерот на Општина Кривогаштани покажува дека и помалите општини можат да направат конкретни чекори кон поотворено работење. Долгогодишните напори за унапредување на транспарентноста во Пелагонискиот Регион се насочени токму кон тоа – граѓаните да имаат полесен пристап до информациите и поголема можност да го следат работењето на локалните институции“, истакнува Благица Цеткоска од АГТИС.
Дигитализацијата на општинските услуги и редовното објавување документи и одлуки се важни алатки за градење доверба меѓу локалната власт и граѓаните, а новата веб-страница на Кривогаштани е чекор во таа насока.


