Младите со порака за зелена иднина: Завршен проектот „Млади за зелена транзиција“
Во Паркот кај Судот во Прилеп денеска беше одржан завршниот настан од проектот „Млади за зелена транзиција – Од урбана градина до еко производ“.
Во проектот учествуваа ученици од прилепските училишта „Орде Чопела“, „Климент Охридски“ и „Блаже Конески“, како и ученици од училиштето „Манчу Матак“ од Кривогаштани.
Преку ликовни и литературни творби, производи од еко-градината и креативни изработки од отпад, учениците ги претставија стекнатите знаења и вештини поврзани со циркуларната економија и заштитата на животната средина.
На завршниот настан се обратија претседателот на ЗОКУМ, Филип Димкоски, проектниот координатор проф. Ѓорѓија Гагалески, претставничката на People in Need North Macedonia, Сунчица Костовска, и директорката на СОУ „Орде Чопела“, Тереза Златеска Трајковска.
Проектот им овозможи на младите преку практични активности да се запознаат со принципите на зелената и циркуларната економија и нивната примена во секојдневниот живот.
Од организаторите велат дека токму младите треба да бидат носители на промените кон поодржлива и зелена иднина.


