Драган и Ратко Даутовски со концерт на летната сцена во Прилеп

Во среда, 2 септември, со почеток во 20 часот, на летната сцена на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи концерт на познатите македонски музичари Драган и Ратко Даутовски.

Концертот е отворен за сите љубители на македонската традиционална и современа музика, а влезот е слободен. Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Проф. д-р Драган Даутовски е една од најзначајните личности во современата македонска музичка култура, особено во областа на традиционалната музика и народните инструменти. Роден е во 1957 година во Русиново, а своето музичко образование го стекнува во Штип и на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Неговата повеќедецениска работа е посветена на истражувањето, афирмацијата и уметничката интерпретација на македонскиот музички фолклор. Во 1992 година го основа ансамблот на народни инструменти „Миле Коларовски“, со кој настапува на бројни фестивали и манифестации во земјата и странство. Неговата работа придонесува за големата ренесанса на изворната македонска музика.

Даутовски има реализирано бројни музички проекти и соработки, меѓу кои и учество во создавањето на музиката за филмот „Пред дождот“, авторскиот проект „DDSynthesis“, како и музика за театарски претстави и кореографски постановки. Неговиот творечки опус опфаќа повеќе од 600 композиции.

Во текот на својата кариера настапувал на голем број светски сцени, промовирајќи ја македонската музичка традиција во Европа и во повеќе земји низ светот. Како редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Даутовски е посветен и на образованието на нови генерации музичари и на развојот на изучувањето на народните инструменти во македонскиот образовен систем.

Неговата научноистражувачка работа опфаќа теми поврзани со македонската традиционална музика и инструменти, меѓу кои „Орнаментите во традиционалната музика во Р. Македонија“, „Тамбурата во Македонија“ и „Кавалот во Македонија“, како и докторската дисертација посветена на топчестата глинена флејта од Македонија, праисториски музички инструмент.

Со него на сцената ќе настапи и неговиот син, Ратко Даутовски, еден од најактивните и најпознати македонски перкусионисти. Роден во Скопје во 1981 година, Ратко уште од најрана возраст е посветен на истражувањето на богатите мело-ритмички структури на македонската традиционална музика, но и на ритмите од различни музички традиции ширум светот.

Своето музичко образование го започнува на седумгодишна возраст во Музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски Луј“, а продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот за традиционални инструменти и музичка теорија и педагогија. Паралелно со формалното образование, континуирано се усовршува под менторство на својот татко.

Од 1999 година е редовен член на Драган Даутовски квартет, со кој настапувал на бројни сцени во Европа и светот. Неговата богата концертна биографија опфаќа настапи во Холандија, Германија, Португалија, Израел, Русија, Полска, Турција, Украина, Шведска, Австралија, Белгија, Велика Британија, како и во земјите од регионот.

Ратко Даутовски соработува со голем број светски музичари и ансамбли, а како автор и изведувач учествува во повеќе театарски и филмски проекти во земјата и странство. Вработен е како музичар-изведувач во оркестарот на НУ „Танец“, а од 2023 година е и член на интернационално реномираниот „Васил Хаџиманов Бенд“.

Концертот на Драган и Ратко Даутовски претставува можност прилепската публика да ужива во препознатливиот спој на традиционалната македонска музика, виртуозната инструментална интерпретација и современиот музички израз.

Слични Објави