Почина режисерот Кирил М. Петрески
Ин мемориам: Кирил М. Петрески (1971–2026)
Почина Кирил М. Петрески, режисер и драматург, долгогодишен член на колективот на НУЦК „Марко Цепенков“ – Театар „Војдан Чернодрински“.
Петрески од 2013 година работеше како драматург и режисер во прилепскиот театар, каде со својата посветена работа остави значаен белег во неговиот развој, но и во македонскиот театар воопшто.
Дипломирал на Катедрата за театарска режија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. Слободан Унковски, со претставата „Фарса за храбриот Науме“ од Русомир Богдановски.
Како режисер, во Театарот „Војдан Чернодрински“ ги постави претставите „Уште една за по пат“ од Харолд Пинтер, „На трета мајка“ од Петар Петрески, „Духот…“ според дела од Војдан Чернодрински и Горан Стефановски, „Сатирикон или големата гозба“ од Петрониј Арбитер, „ММЕ кој прв почна“ од Дејан Дуковски, „Роберто Зуко“ од Бернар-Мари Колтес, „Четвртата сестра“ од Јануш Гловацки, „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, „Маратонците го трчаат почесниот круг“ од Душан Ковачевиќ, „Сонот на Цепенков“ според Марко Цепенков, „Како се станува цар“ од Афродита Кирјаковска, „Хамлет од Горно Дупени“, според „Хамлет од селото Долна Мрдуша“ од Иво Брешан, „Демократија“ од Јосиф Бродски и „Ученикот“ од Мариус фон Мајербург.
Со претставата „Четвртата сестра“ учествуваше на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Неговиот режисерски опус не беше поврзан само со Прилеп. Во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Театар Куманово ги постави „Варијации: диви пајки“ од Дејвид Мемет и „Не играј на Англичани“ од Владимир Ѓурѓевиќ, претстава која беше дел од официјалната програма на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2010 година.
Во НТ „Григор Прличев“ во Охрид ја режираше и претставата „На дното“, според делото на Максим Горки.
Со неговото заминување македонската театарска сцена губи режисер и драматург кој со својата работа остави препознатлив печат, а Театарот „Војдан Чернодрински“ губи долгогодишен колега и соработник.
Од НУЦК „Марко Цепенков“ – Театар „Војдан Чернодрински“ упатија искрено сочувство до семејството, блиските, колегите и соработниците на Кирил Петрески.
Кирил М. Петрески (1971–2026).
Нека почива во мир.


