„Не го уништувајте легалниот сектор“ – Вработените во обложувалниците и казината излегоа на протестен собир
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина (АПИС) денеска побараа од пратениците да не го поддржат Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, предупредувајќи дека неговото усвојување ќе има сериозни последици врз секторот и врз илјадници вработени.
На заедничка прес-конференција во паркот „Жена Борец“, организирана од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина (АПИС), претставниците на секторот упатија апел до пратениците да не го поддржат законското решение кое се најде на дневен ред на 104-тата собраниска седница.
Претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, изјави дека предложениот закон може да доведе до затворање на голем број легални приредувачи на игри на среќа и отворање простор за развој на нелегалниот пазар.
Според него, повеќе од 10.000 лица се директно вработени во секторот, додека десетици илјади други работат во придружни дејности. Тој предупреди дека евентуалното затворање на објектите би можело да има сериозни последици врз егзистенцијата на илјадници семејства.
Од АСОМ и АПИС нагласија дека легалните приредувачи спроведуваат задолжителни контроли и проверки на идентитетот на посетителите, со што се спречува пристапот на малолетни лица до игрите на среќа. Според нив, ограничувањето на легалниот сектор нема да ја елиминира побарувачката, туку може да ја пренасочи кон нелегални и нерегулирани форми на обложување.
Претставниците на индустријата истакнаа дека не се против законска регулација, но сметаат дека процесот на подготовка на законските измени не бил доволно инклузивен и не ги зел предвид нивните предлози.
Како алтернативни решенија, тие предложија построги санкции за прекршување на забраната за пристап на малолетници, поголема контрола врз онлајн пазарот и заеднички едукативни кампањи за одговорно играње во соработка со институциите.
Вработените во секторот порачаа дека очекуваат отворање на дијалог со надлежните институции и предупредија дека, доколку законот биде усвоен без дополнителни консултации, ќе следуваат протестни активности низ државата.
Од АСОМ и АПИС најавија дека ќе ги искористат сите демократски и законски механизми за заштита на секторот и на работните места во дејноста.



