ЧУДО НА МЕДИЦИНАТА: 58-ГОДИШНА ЖЕНА ОСТАНА БРЕМЕНА СО ТРОЈКИ
Медицината повторно ги поместува границите на можното. Во Болница „Плодност“ во Битола е потврдена исклучително ретка и комплексна тројна бременост кај пациентка на 58-годишна возраст, остварена по пат на ин витро фертилизација (ИВФ).
Овој несекојдневен случај претставува уште една потврда дека современата репродуктивна медицина, во комбинација со силната волја и истрајност на пациентите, може да донесе резултати кои до пред неколку години изгледаа незамисливи.
Ултразвучниот преглед потврдил тројна бременост, а од Болница „Плодност“ велат дека станува збор за високоризичен медицински случај кој ќе бара постојан мониторинг, внимателно следење и ангажман на мултидисциплинарен тим специјалисти во текот на целата бременост.
Поради возраста на пациентката, лекарскиот тим препорачал редукција на еден или два ембриона за да се намалат ризиците за мајката и плодовите. Според неговите информации, пациентката планира понатамошните одлуки и медицински процедури да ги реализира во Србија.
„Доколку пациентката одлучи да ги износи и роди сите три бебиња на 58-годишна возраст, тоа навистина би бил исклучително редок случај“, изјави д-р Трпчевски.
„Кога желбата за дете е посилна од сите предизвици, медицината и упорноста можат да создадат неверојатни приказни“, порачуваат од болницата.
Овој случај претставува редок пример во репродуктивната медицина и носи нова надеж за многу семејства кои со години се борат за потомство.



