Про Бокс Македонија дел од 78. Генерално изборно собрание на Европската боксерска унија
Од 5 до 6 јуни во Тирана, Албанија, се одржа 78. Генерално изборно собрание на European Boxing Union (ЕБУ), на кое учество зеде и Про Бокс Македонија.
Македонската организација беше претставена од претседателката Весна Чатлеска и генералниот менаџер Дарко Чатлески, кои активно учествуваа во работата на собранието, дискусиите и изборните процеси.
Во рамки на конгресот беа одржани избори за претседател и членови на Управниот одбор на ЕБУ. Довербата за нов мандат ја доби Петер Штуцки од Швајцарија, додека за првпат претставник од Србија, Лена Зечевиќ, беше избрана за член на Управниот одбор на организацијата.
Значаен дел од состанокот беше посветен на медицинските прегледи, здравствената заштита и системот на суспензии во професионалниот бокс, со цел дополнително подобрување на безбедноста на боксерите.
На собранието беше претставена и актуелната состојба, како и идните развојни насоки на светската боксерска база на податоци на BoxRec. Беа разгледани можностите за понатамошно унапредување на системот и неговата примена во професионалниот бокс.
Во посебни работни разговори со претставници на BoxRec, делегацијата на Про Бокс Македонија ги дефинирала условите за воспоставување професионален шампионски појас на Македонија. Иницијативата има за цел дополнително зајакнување на професионалниот бокс во земјата и отворање нови можности за македонските боксери.



