Ново детско игралиште никнува во населбата Типски – инвестиција од околу 4 милиони денари

Во завршна фаза е изградбата на ново детско игралиште во населбата Типски во Прилеп, лоцирано во непосредна близина на стадионот со вештачка трева. Со реализацијата на овој проект, жителите на населбата наскоро ќе добијат современ и безбеден простор наменет за игра, рекреација и дружење на најмладите.

Новото игралиште ќе биде опремено со гумена спортска подлога, посебно уреден простор со песок за детска игра, лулашки, лизгалки, клупи за одмор, современо осветлување и хортикултурно уредени зелени површини. Целта е да се создаде функционална и пријатна средина во која децата ќе можат безбедно да го поминуваат слободното време, а родителите да уживаат во уреден јавен простор.

Вкупната вредност на проектот изнесува околу 4 милиони денари, а неговата реализација е овозможена преку Министерството за спорт, во рамките на Повикот за директна помош на општините што го спроведува Владата на Република Македонија.

Од локалната самоуправа истакнуваат дека инвестициите во детската инфраструктура остануваат приоритет, со цел подобрување на условите за раст и развој на децата, како и создавање поквалитетен и поуреден урбан простор за сите граѓани.

Слични Објави