(видео)Еко моливи и боички од отпадна хартија – Од отпад до вредност, од стара хартија до нова креативност
Во Прилеп започна иновативна еколошка иницијатива за производство на еко моливи и боички изработени од 100% отпадна хартија, со што се промовира одржливо користење на ресурсите и заштита на животната средина.
Иницијативата ја спроведува Лаг Агро Лидер, а производите се создаваат преку енергетски ефикасен процес, без сеча на дрвја и со целосна безбедност за употреба. Идејата произлегла од потребата да се спојат креативноста и еколошката одговорност, имајќи предвид дека секојдневната употреба на училишни материјали значително придонесува кон потрошувачка на дрвна маса.
Во исто време, како што посочуваат од иницијативата, во земјата годишно се создаваат над 50 тони отпадна хартија, која најчесто завршува на депонии. Со овој проект се отвора можност таа хартија повторно да се искористи како ресурс во циркуларната економија.
Производите симболично се нарекуваат „Three hearts“, кои претставуваат порака за заштита на дрвјата, грижа за планетата и заедничка одговорност за создавање позелен свет.
Проектот започна во партнерство со СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп, со активно учество на наставници и ученици, а подоцна се приклучија и други основни и средни училишта од Прилеп, како и од општините Кривогаштани и Градско. Поддршка дава и Регионалната стопанска комора – Прилеп, заедно со граѓани кои ја препознаваат вредноста на иницијативата.
Меѓу главните придобивки од проектот се намалување на сечата на дрвја, редукција на отпадната хартија, повторна употреба на ресурси, едукација за циркуларна економија, како и отворање можности за „зелени“ работни места, вклучително и за лица од ранливи категории.
„Се надеваме дека еко моливите и боичките на Лак Агролидер ќе станат препознатлив бренд во државата и регионот. Ова е прва ваква иницијатива кај нас, и веруваме дека училиштата, градинките и граѓаните ќе ја прифатат како дел од секојдневието, со што заеднички ќе придонесеме кон одржливи заедници и еколошка правда. Од отпад до вредност, од стара хартија до нова креативност“, изјави Марина Тошеска, проектен координатор.



