Владиката Петар веќе не е дел од работниот состав на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА

Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар повеќе не е дел од работниот состав на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

Одлуката е донесена на редовната седница на САС, одржана во полн состав на 26 мај, на која за нов член на работниот состав е избран митрополитот Струмички г. Наум. За негов заменик е избран митрополитот Европски г. Пимен.

Со оваа промена, работниот состав на Синодот во наредниот период го сочинуваат архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, митрополитот Струмички г. Наум и митрополитот Повардарски г. Агатангел.

Според образложението, станува збор за промена во постојаниот работен состав, а не за исклучување на владиката Петар од Синодот во поширока смисла, имајќи предвид дека сите архијереи остануваат членови на САС во полн состав, кој заседава периодично.

Во соопштението од Синодот не се наведуваат детали дали на седницата биле разгледувани конкретни прашања поврзани со владиката Петар, ниту дали неговите јавни настапи биле предмет на расправа.

На истата седница, Синодот формирал комисија за разгледување на материјално-финансиската состојба на новоформираните епархии, како и Фонд за поддршка на многудетни семејства, со цел унапредување на социјалната и демографската поддршка во рамки на црквата.

САС ја разгледал и состојбата со духовното и културното наследство во црковните храмови и манастири, при што било констатирано дека недостигот од стручни кадри за конзервација претставува сериозен проблем. Поради тоа, упатен е апел до надлежните институции за преземање мерки за заштита на наследството.

Промените во работниот состав на Синодот доаѓаат во период кога МПЦ-ОА се соочува со повеќе внатрешни организациски и административни прашања поврзани со функционирањето на епархиите и црковните структури.

Слични Објави