Прилепски шахисти со одлични резултати на државните првенства во Скопје
Во Скопје се одржаа државните шаховски првенства во повеќе возрасни категории, а меѓу учесниците имаше и претставници од Прилеп кои остварија забележителни резултати.
Во конкуренција на шахистки до 18 години, на турнирот учествуваа три натпреварувачки. Теодора Ѓорѓиеска од ШК Прилеп го освои второто место и се закити со сребрен медал. Таа освои 1,5 поен од четири партии. Првото место ѝ припадна на Моника Жежовска од Алкалоид Скопје со 3,5 поени, додека трета беше Делфина Огњановска од Капабланка Скопје.
Во категоријата до 16 години настапи Симона Ѓорѓиеска (ШК Прилеп), која меѓу пет учеснички го освои четвртото место со еден поен. Таа забележа една победа – против Јана Александрова, а претрпе порази од Наде Смилевска Штајниц, Елисавета Барнс и Исидора Лукановска.
Најмасовна беше конкуренцијата до 10 години, каде настапија 41 шахист. Меѓу нив беа и двајца прилепчани – Андреј Печијарески и Дамјан Блажески. Печијарески (Пелагон Прилеп) освои 5,5 поени од седум партии и се пласираше меѓу најдобрите, со само еден пораз и едно реми. Блажески (ШК Прилеп) го заврши турнирот на 12. место со четири поени.
Првото место во оваа категорија го освои Бенџамин Џошуа Барнс од Гамбит Скопје со 6,5 поени, пред Калин Стаменковски (Алкалоид Скопје) и Јован Јовановски (ШК Куманово), кои освоија по 5,5 поени.
Натпреварите се одржаа во свечената сала на ООУ Димитар Миладинов.
Извор: shampion.mk



