15 години танц, успех и светски сцени „New Generation“ од Прилеп

Студиото за модерни танци „New Generation“ од Прилеп годинава одбележува значаен јубилеј – 15 години постоење, раст и континуирани успеси на домашната и меѓународната денс сцена.

Иако роденденот првично беше планиран за овој месец, од студиото информираат дека поради бројните обврски и натпревари, прославата ќе биде одложена за септември или октомври, кога ќе се организира спектакуларен концерт со кој ќе се заокружи овој значаен период.

Од своите почетоци на локални смотри, „New Generation“ прерасна во еден од најуспешните танцови колективи, со настапи и признанија низ Балканот, Европа и светот. Во текот на изминатите 15 години, студиото бележи бројни титули – државни и балкански шампиони, како и учества на едно европско и три светски првенства.

Меѓу најзначајните успеси се издвојува првото место во Белград, каде тимот триумфирал во формациска категорија и бил прогласен за најдобра група. Дополнително, студиото се закити со титули државен првак во 2017 и 2019 година.

На светската сцена, успехот продолжува со освоеното трето место на светско првенство во Будимпешта во стрит денс дисциплина, како и високото шесто место на Ивана Богојевска на последното светско првенство во Полска, во силна меѓународна конкуренција.

Особено признание за студиото претставува и ангажманот на тренерот и лиценциран судија Оливер Богојевски, кој на минатото светско првенство во организација на Интернационалната денс федерација (IDF) беше прогласен за еден од најдобрите судии во светот. Како резултат на тоа, годинава ќе суди на Светското првенство во Шпанија, кое ќе се одржи од 27 до 31 мај, во повеќе категории, меѓу кои хип-хоп и стрит денс.

Од „New Generation“ велат дека овој успех не е само нивен, туку и гордост за Прилеп и за државата, испраќајќи порака дека е потребна поголема институционална и локална поддршка за младите таленти.

„Ова е доказ дека нашите деца имаат потенцијал да се натпреваруваат со најдобрите во светот. Потребна е поголема поддршка за да им овозможиме уште повеќе меѓународни настапи и искуства“, порачуваат од студиото.

Како пример го посочуваат моделот на други земји, каде државите активно ги поддржуваат младите танчери, овозможувајќи им масовно учество на светски првенства.

Со 15 години зад себе и амбиции за уште поголеми успеси, „New Generation“ останува еден од најсилните амбасадори на танцот и младинскиот талент од Прилеп на светската сцена.

Слични Објави